Животните приказни на Братислав Димитров: Шекспир или колбас

Братислав ДИМИТРОВ (Локална дилема: „Змија или магаре?“) Некој рекол дека заклучокот е местото на кое сме се умориле од размислувањето. Не важи за нас. Ние сме неуморни. Некој живее во Зрзе, Лас Вегас или Гармишпартенкирхен, а другите во заблуда. Светот е поделен на два дела. Едните пишуваат, а другите не читаат. Затоа што вториве сè си знаат. Сјорен Кјеркегор филозофирал во својата книга „Или-или“, ама овдешниве генијалци тоа го применуваат во пракса. „Или си со нас-или си против нас!“ Не знаат што прават, ама тоа го прават уредно. Нивниот темел е древната изрека: „Или ич-или брич!“ Полемиката кога било подобро, денес или вчера е хронична како болест. Равенката нема непознати. Планетава е доведена во стадиум кога можеме да дискутираме само кога било помалку лошо. Минатото секогаш победува. Кога те боли заб, најмногу те боли сега. Не може да те боли повеќе од пред педесет години. Во социјализмот сонувавме за капитализмот и со отворени очи. Холивуд нѝ беше поблиску од Драчево. Џон Вејн и Гари Купер нѝ беа браќа „по бабине линије“. Мерлин Монро и Софија Лорен званично нѝ беа први братучетки, а приватно... да не кажам што, доволно сум безобразен. А што правиме денес? Се враќаме со забот во минатото…

