Потврден случај на ебола во главниот град на Нигерија

Нигериската влада вчера соопшти дека во главниот град Абуџа е регистриран случај на ебола, откако лабораториските тестови потврдиле инфекција со вирусот. Министерот за здравство, Мухамед Али Пате, за националната телевизија изјави дека пациентката допатувала од Уганда, во Источна Африка. Угандското Министерство за здравство доцна вчера соопшти дека пациентката службено патувала во источниот дел на Демократска Република Конго и дека на почетокот на октомври поминала низ Уганда без симптоми, пред тие да се појават по нејзиното пристигнување во Нигерија. Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго беше прогласена во средината на мај и оттогаш прерасна во втората најголема епидемија во светот досега, предизвикана од реткиот сој Бундибуџо. Кенија овој месец пријави девет случаи на ебола, сите поврзани со лице кое патувало од Конго. Водечката африканска агенција за јавно здравје почна да мобилизира поддршка за Нигерија, изјави нејзиниот директор Жан Касеја. „Оваа епидемија на ебола предизвикана од сојот Бундибуџо веќе стана географски најраспространета во историјата, зафаќајќи земји во три африкански региони“, напиша Касеја на социјалната мрежа „Икс“. (МИА)
