Кадетките со Турција и Грција ќе се подготвуваат за регионалната лига

Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија ги започна подготовките во рамки на ЕХФ-неделата, во пресрет на претстојните натпревари од Регионалната лига У16. Собирот се одржа во спортската сала „Расадник“, каде што младите репрезентативки го одработија и првиот тренинг. Подготовките ќе продолжат во текот на неделата, со цел селекцијата да биде што поподготвена за предизвиците што ја очекуваат на меѓународната сцена. Во петок, 23 октомври, по завршувањето на последниот тренинг, македонските кадетки ќе отпатуваат за Верија, Грција каде што ќе одиграат два натпревари во рамки на Регионалната лига У16. Противници на нашата селекција ќе бидат репрезентациите на Турција (24 октомври, 14:00) и на домаќинот Грција (25 октомври, 12:00). Дуелите во Верија ќе бидат можност за младите ракометарки да стекнат дополнително меѓународно искуство, да го покажат својот потенцијал и да продолжат со развојот низ натпревари против квалитетни противници.


