Годишнина од убиството на Ѓорче: Зошто Петров бил нарекуван „Велзувел“, а тој пак, прилепски комити ги сметал за „баби“

Ѓорче Петров, убиен на денешен ден во 1921 година, пред Илинденското востание, останал верен на идејата на Гоце за терористики акции, а не за масовно востание. Токму поради неговиот став кон востанието, не сакал да има никаква одговорност во врска со него. „Бидејќи се продолжи со подготовката и се разгласи дека востанието ќе се прогласи на Илинден, нарочно го одложив одењето (во Македонија, н.з.) до денот на востанието, за да симнам од себе секаква одговорност“, раскажувал во 1908 година Ѓорче во своите спомени. Во Македонија, по доаѓањето во прилепско се сретнал со четниците на Лазар поп Трајков од костурско. Таа средба, ја дава можеби комплетната слика за македонската борба: „Тие беа разбиени во костурско… Преку воденско, гонети од глад, стигнуваат во прилепско со намера да појдат во Бугарија. Грозен впечаток ми оставија, сите беа окапани, голи, боси, како Цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети како волци. Од 300-400 души колку што тргнале од костурско, беа останале 130 души, а другите се одделувале и си оделе во своите родни места. Но, наспроти прилепските четници, предизвикуваа восхитеност. Тие беа херои, наспроти нашиве баби. Еланот во нив не беше убиен“, раскажувал Ѓорче со мешавина на чувства која тешко може да се разбере…


