Украинската ПВО не пресретнала ниту една балистичка или хиперсонична ракета при последниот руски напад врз Киев

Украинските воздухопловни сили соопштија дека не успеале да пресретнат ниту една од балистичките и хиперсоничните ракети што Русија ги употребила во нападот извршен ноќеска врз регионот на Киев, што повторно ја наметна загриженоста на Киев за недостигот од ракети за противвоздушна одбрана. Според украинските воздухопловни сили, Русија во нападот истрелала 24 балистички ракети „Искандер-М“ и ракети „С-400“ адаптирани за напади врз копнени цели, како и четири хиперсонични ракети „Циркон“. Ниту една од тие ракети не била пресретната. Украина уште соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 98 од вкупно 115 беспилотни летала употребени во нападот. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, повторно побара од партнерите да испратат дополнителни средства за воздушна одбрана за справување со рускиот балистички арсенал. „Пресретнувачите на балистички ракети можеа да ги спасат животите на оние што денес загинаа. Многу е важно нашите партнери да разберат дека доцнењето во испораката или неподготвеноста да се обезбедат противбалистички системи директно водат до вакви ужасни жртви и разорувања“, изјави Зеленски. Според него, во ноќниот напад врз Киев и околниот регион загинале најмалку 17 лица, а 44 биле повредени.


