АТП подготвува големи промени од 2028 година
АТП планира сериозни промени од 2028 година, кои треба да им донесат значително поголема заработка на тенисерите, поинаков систем на рангирање и појасна структура на календарот. Според планот што го претстави претседателот на АТП, Андреа Гауденци, вкупниот финансиски надомест за играчите треба да достигне околу 350 милиони долари годишно, без да се сметаат наградните фондови од Гренд слем турнирите. Централните издвојувања на АТП за тенисерите треба да надминат 100 милиони долари, додека бонус-фондот би се зголемил од сегашните 21,5 на 50 милиони долари. Дополнително, 25 милиони долари би биле наменети за играчите кои сезоната ќе ја завршат меѓу најдобрите 250 на светот, а уште 30 милиони долари би биле издвоени за пензиски програми за околу 300 тенисери годишно. „Тенисот денес е во многу силна позиција. Нашите турнири растат, навивачите го следат спортот на сè повеќе начини, а заработката на играчите е на рекордно ниво. За да останеме силни, спортот мора да продолжи да се развива“, порача Гауденци. Една од најважните промени ќе се однесува и на АТП-листата. Резултатите на најголемите турнири треба да носат поголема тежина отколку досега, со што АТП сака да ја намали потребата тенисерите да бркаат дополнителни поени на помалите натпреварувања по слабите резултати на големите турнири…


