Животните приказни на Братислав Димитров: Брижит Бардо во кино „Карпош“

Во Улцињ е убаво да се живее. Под услов да си портокал. Во Скопје е идеално за живот. Под услов да си гуштер. Одамна сум предложил со закон и устав да се забранат летото и зимата. Знакот е различен, а резултатот е ист. Се страда и на плус и на минус. Уште пред да бидат измислени „духовни коучи“, ние ја користевме древната македонска мудрост: „Мечка страв - мене не страв“. Така охрабрен излегов од дома како од енциклопедија и купив основни намирници. Цигари, кафе и алкохол. И таман кога излегов од супермаркетот, во заседа ме начека еден комшија со строга реплика: „Бато, ти не си секогаш со нас!“ Се заколнав дека нема да дискутирам за дневна политика, ама во сила стапи славната кумановска поговорка: Зарекла се свиња гомна да не једе. Така почна. Филозофски му одговорив: „Тоа значи дека и вие не сте секогаш со мене“. Завалијата беше во топ-форма. Како пратеник пред шалтер за дневници. „Ајде објасни им на сите оние што лепеле плакати и агитирале во кампања на разни демократски избори дека за нив не останала ниту една функција, а!? Ова „а“ звучеше особено убедливо. Не знам. Никогаш не сум објаснувал. Никогаш не ми објаснувале. Ама барем докажавме…

