ВРЕДИ поставува прашања за водоснабдувањето во Гостивар: Каде завршиле 7 милиони евра и дали случајот наликува на канализацијата во Зајаз?

Коалицијата ВРЕДИ преку соопштение упати серија обвинувања и прашања поврзани со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, барајќи политичка одговорност од поранешниот градоначалник Арбен Таравари. Од ВРЕДИ потсетуваат дека Таравари во минатото ја обвинуваше тогашната власт за негрижа кон граѓаните, додека за време на неговиот мандат, како што наведуваат, ветил трајно решение на проблемот со водата за пиење во Гостивар. Според партијата, ветените два резервоари за вода, кои требало да бидат изградени со донација од Швајцарија, не биле реализирани, поради што јавно прашуваат каде завршиле, како што наведуваат, седумте милиони евра швајцарска помош. Во соопштението ВРЕДИ поставува и прашање дали актуелниот случај со водата во Гостивар може да се спореди со случајот со канализацијата во Зајаз, оценувајќи дека јавноста заслужува целосно расветлување на околностите. „Граѓаните немаат потреба од оправдувања, туку очекуваат одговорност, транспарентност и отчетност. Им треба безбедна вода и функционални институции“, наведуваат од ВРЕДИ. Партијата бара целосна одговорност за, како што велат, секој функционер кој не успеал да го заштити јавното здравје, како и целосно расчистување на случајот. Од ВРЕДИ порачуваат дека Арбен Таравари треба да даде одговори пред граѓаните на Гостивар, истакнувајќи дека одговорноста мора да важи за сите, без оглед на политичката функција или припадност.


