ВИДЕО: Тринаесет лица загинаа во силните дождови и поплави во Чиле

Силните дождови што го погодија голем дел од Чиле одзедоа 13 животи, додека седум лица се водат како исчезнати, објавија денеска британските медиуми. Централниот и јужниот дел од земјата беа зафатени од бура, предизвикувајќи поплави, затворање на патишта и голема штета на домовите. Според податоците на службата за итни случаи Сенапред, 2.281 лице морало да ги напушти своите домови, 81 куќа била уништена, а 2.761 била сериозно оштетена. Околу 87.000 луѓе останале без електрична енергија. Властите предупредија дека сè уште постои опасност од зголемување на нивото на водата во реките и потоците поради неколкудневните врнежи. Министерот за внатрешни работи Клаудио Алварадо изјави дека владата планира да покрене постапка против дистрибутерите на електрична енергија за доцнење во обновувањето на снабдувањето. Наставата беше прекината во училиштата во неколку општини во четири региони, а некои рударски активности беа привремено намалени поради лошите временски услови.

