Вардар поразен од Рига на првиот меч во Конференциската Лига

Македонскиот фудбалски шампион Вардар доживеа пораз во првиот меч од Конференциската лига. По елиминацијата од КуПС во ЛШ, следеше меч против Рига, кој летонскиот првак го доби со 2-3 во Скопје и дома ќе игра за следна рунда. Мечот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје се играше пред 2.000 гледачи, на ден каде македонскиот тим го прослави 79. роденден. Во 28. минута, Вардар прв дојде до предност. По едно лошо избивање со глава на еден од дефанзивците на Рига, топката дојде до Диего Кастањеда кој направи одличен потег по левата страна и погоди од тешка позиција за 1-0. Сепак, радоста траеше кратко, затоа што во четири минути Рига даде два гола преку Гало и Сикера, за пресврт од 1-2. Во вториот дел Закариќ беше главен виновник за израмнувачкиот гол на Вардар кој пристигна во 66. минута. Босанецот десно ги исфрли двајца противници од игра, центрираше, а новото засилување Герсон Родригеш реализира со глава за 2-2. Овој резултат беше се до 81. минута кога играчите на Вардара загубија топка во средината на теренот по што следеше контра која ја повлече Салазар по лево и во срцето на шеснаесетникот го проигра Реџиналдо, кој по земја го совлада Талески за водство од 2-3…


