Украина нападна руска радарска станица вредна околу 100 милиони долари

Украинските одбранбени сили синоќа нападнаа руска радарска станица „Небо-У“ (55Zh6U) во близина на селото Магри, во рускиот Краснодарски регион, објави Укринформ, повикувајќи се на соопштение на Генералштабот на украинските вооружени сили на Фејсбук. Според Генералштабот, нападот предизвикал пожар во близина на рускиот воен објект. „Небо-У“ е трикоординатна радарска станица со долг дострел, која работи во метарски дијапазон на радио бранови. Дизајнирана е за откривање и следење на воздушни цели, вклучувајќи авиони, крстосувачки ракети и балистички ракети. Уништувањето на ваквите системи ја намалува способноста на непријателот да го следи воздушниот простор и навремено да открива закани од воздух. Приближната цена на една радарска станица „Небо-У“ е околу 100 милиони долари.


