Убедлив пораз на македонските млади кошаркари од Грузија

Јуниорската македонска машка кошаркарска репрезентација претрпе убедлив пораз од Грузија 83:66 (17:16; 19:20; 22:13 и 25:17) на првиот дуел од Европското првенство Б дивизија. Во првото полувреме двете репрезентации се менуваа во водство и на полувреме беше 36:36. По водството на противникот од 42:39, македонските кошаркари направија серија од 8-0 за водство од 47:42. Но, потоа противникот доминираше на теренот и на почетокот на последната четвртина имаше предност од 62:49. Тоа беше доволно за да обезбедат победа од 83:66, особено што противникот знаеше да ги казнува грешките на македонскиот тим. Најефикасен на натпреварот беше Ѓорѓи Цветковски со 20 поени. На вториот дуел од Д групата Унгарија ја совлада Босна и Херцеговина со 93:82, а Шведска беше слободна. Утре македонската јуниорска репрезентација ќе игра против Босна и Херцеговина со почеток во 18 часот.


