Трите чуда во октомври

Во филмскиот свет, октомври е месецот кога природата ја менува сценографијата и го дава најраскошниот колорит на платното. Безмалку секој кадар фатен во овој период носи природна патина, топлина и филмска магија. Но, во македонскиот историски контекст, октомври е многу повеќе од убава филмска сезона за екстериери. Октомври е еден од нашите најсудбоносни месеци. Боите на октомвриската есен, од златната до крваво црвената, совршено се преклопуваат со сите оние историски октомвриски настани што ја трасираа нашата судбина. Тоа е месецот во кој овој народ ги пишувал своите можеби најважни поглавја. Во октомври е и роденденот на Организацијата. Од денешен аспект, и со вокабуларот на денешницата овој наш историски, а сè уште жив бренд својата приказна за создавањето би го раскажал отприлика вака: Октомври 1893. Се родив пред повеќе од еден век. Пред повеќе од еден век, во една солунска соба, шестмина луѓе правеа бреинсторминг, но не и старт-ап. Не бараа инвеститори. Седеа околу масата со Библија, кама и револвер. Тогаш и таму го создадоа дотогаш најрадикалниот слоган на Балканот: „Слобода или Смрт“. Без компромиси, без „Ако“, без „Алиби“. Чист, апсолутен екстремизам на идеалот. Тогаш, во тоа време револверот од 9 милиметри не беше оружје, беше единствениот важечки пасош за народ…

