Стефковски: „Три вечери Гази Баба живееше во духот на традицијата, културата и фолклорот“

Со богата фолклорна програма и настапи на ансамбли од повеќе земји заврши Меѓународниот фолклорен фестивал „Гази Баба 2026“, кој три дена ја збогатуваше културната понуда во општината. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, преку објава на социјалните мрежи порача дека фестивалот бил место каде се споиле различни култури, традиции и фолклорни вредности. „Три вечери исполнети со песна, оро, традиција, насмевки и заедништво. Три вечери во кои Гази Баба беше место каде што се споија различни култури, но и место од каде што испративме силна порака – традицијата живее и продолжува“, наведе Стефковски. Тој посочи дека во изминатите денови општината била домаќин на фолклорни ансамбли од повеќе држави, кои преку своите настапи ја претставиле убавината на различните култури и покажале дека фолклорот е универзален јазик што ги поврзува луѓето. Стефковски упати благодарност до учесниците на фестивалот, но и до граѓаните кои во голем број присуствувале на фестивалските вечери. „Исполнетите плоштади, аплаузите и насмевките се доказ дека ваквите културни настани се потребни и значајни за нашата општина“, порача градоначалникот. Од Општина Гази Баба најавуваат дека ќе продолжат со организирање настани кои ја промовираат културата, традицијата и заедништвото меѓу граѓаните.


