Старт на подготовките на РК Алкалоид

Ракометниот клуб Алкалоид официјално ги започна подготовките за сезоната 2026/27 со првата прозивка што се одржа во Автокоманда. На првиот собир на тимот, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, кој им посака добро здравје, успешни подготовки и многу победи во сезоната што претстои. Освен во домашното првенство и Купот РК Алкалоид ќе биде дел и од новоформираната Регионална лига, во која ќе се натпреваруваат екипи од Македонија, Србија и Црна Гора. На меѓународната сцена, Алкалоид повторно ќе игра во ЕХФ Европскиот куп, натпреварување во кое триумфираше во сезоната 2024/25. Подготовките ќе бидат реализирани во три фази. Првиот дел ќе се одвива во Скопје и ќе биде посветен на воведување во тренажниот процес. Од 3 август експедицијата ќе се пресели во Маврово, каде што ќе ја одработи главната фаза од подготовките, додека завршниот дел ќе биде резервиран за одигрување контролни натпревари и темпирање на формата пред почетокот на новата сезона.


