Солун: Три експлозии на импровизирани механизми пред домови на членови на Нова демократија, повредени пет лица

Пет лица, меѓу кои и кандидатка за пратеничка на Нова демократија и нејзините родители, се повредени во експлозиите на импровизирани екслозивни механизми поставени на три различни локации во Солун, пред домовите на тројца припадници на грчката владејачка партија, јави дописничката на МИА од Атина. Импроизираните механизми изработени од мали плински боци во периодот меѓу четири и пет часот утрово биле поставени пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора. Во два од трите случаи немало повредени, додека пак во третиот и најсериозен случај пред домот на Нестора, освен што биле изгорени два автомобили, пет лица биле повредени меѓу кои и кандидатката за пратеничка. Од петмината повредени, според грчките медиуми, три жени се хоспитализирани со изгореници, меѓу нив се Нестора, нејзината мајка и уште една жена, а со проблеми со дишењето во болница се пренесени две лица. Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис говорејќи за радиото „Скај“ нагласи дека станува збор за „напади со убиствена намера, насочени кон човечки животи“, додаде дека „коинциденцијата, очигледно не е коинциденција“ и посочи дека од експлозијата повредена е кандидатката за пратеничка на Нова демократија Афродити Нестора…

