Собјанин: Москва ноќеска беше нападната со повеќе од 390 дронови

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, денеска објави дека руската престолнина во текот на ноќта била цел на напад со повеќе од 390 украински дронови, а гувернерот на регионот изјави дека во нападите биле оштетени и станбени згради. „Повеќе од 390 дронови се упатија кон Московскиот регион“, но „повеќето од нив беа неутрализирани многу пред да стигнат до градот“, напиша Собјанин на апликацијата Телеграм, прецизирајќи дека „81 непријателски дрон биле уништени на пристапот кон Москва“. Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, напиша на Телеграм за штетата на една станбена зграда и неколку куќи, наведувајќи дека засега нема информации за жртви. Руското Министерство за одбрана објави дека во над петнаесет региони, вклучувајќи ја и Москва, 356 украински дронови биле неутрализирани во период од тринаесет часа, од синоќа до утрово. Разликата во наведениот број на беспилотни летала не е објаснета, пишуваат француските медиуми. Украинските медиуми, повикувајќи се на воени блогери, пишуваат дека фабриката за челик „Хидросталконструкција“ во Чехов во Московскиот регион наводно била погодена во нападите. „Киев Индепендент“ пишува дека бил погоден и магацин во Коледин, град на 20 километри јужно од Москва, како и дека порано во текот на ноќта била погодена и трафостаница во Феодосија, град во окупираниот Крим.
Povezane vijesti

Sve više ljudi vraća se u BiH: Bračni par Stanić vratio se u Kreševo i pokrenuo siranu

Мицкоски: Владините мерки носат резултати, туризмот бележи раст од 40 проценти кај странските гости
