„Силно светнал ден“: Приказната за Македонија низ различните времиња и генерации (ВИДЕО)

Македонија синоќа во Охрид почна да ја раскажува својата 35-годишна приказна низ музика, стих, театар и современ сценски израз. На стадионот „Билјанини извори“ започна големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, во кој повеќе од 30 изведувачи ги споија различните генерации, жанрови и музички јазици во приказна посветена на 35 години независност. Низ музички настапи, театарски извадоци, поезија и современ сценски израз, спектаклот го поврза минатото со сегашноста и различните генерации со заедничката културна и колективна меморија. Приказната за Македонија низ различните времиња и генерации ја водеше Игор Џамбазов, во улога на домаќин и раскажувач, водејќи ја публиката низ личности, стихови, книжевни дела и музика што оставиле траен белег во македонската култура. Стиховите и мислите на Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев оживеаја пред публиката, со извадоци од македонската книжевност и познати музички рефрени кои ги премостија различните епохи и генерации. Од фолк-рефрените до операта, од рокот до хип-хопот, од големите имиња на македонската естрада до најмладите музички гласови – сцената на „Билјанини Извори“ синоќа ги собра различните лица на македонската музика. Различните генерации, жанрови и музички јазици се вкрстија во спектаклот, во кој 35-те години независност не беа претставени само како хронологија, туку како жива приказна…


