Серафимовски: Политичкото пријателство со Индија да го претвориме во инвестиции и долгорочни партнерства

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, вчера се обрати на Македонско-индискиот бизнис-форум, кој се одржа во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму, на Македонија. „Официјалната посета на претседателката Драупади Мурму претставува силен поттик политичкото пријателство меѓу нашите земји да го претвориме во конкретна економска соработка, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства“, истакна министерот Серафимовски. Во обраќањето пред претставниците на деловните заедници на двете земји, министерот посочи дека сегашната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не ги одразува реалните можности на двете економии. Како области со најголем инвестициски потенцијал ги издвои сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и развојот на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети. „Нашата цел е македонското земјоделство да го трансформираме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано стопанство. Индија ја препознаваме како значаен потенцијален партнер во тој процес, пред сè од аспект на трансферот на технологии и знаење, развојот на преработувачки капацитети и отворањето нови пазари“, нагласи министерот Серафимовски. Министерот ги претстави и можностите за инвестиции во паметни системи за наводнување, рационално управување со водата, земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми и производство на енергија…

