Седум загинати во нападите на Хутите врз јеменското пристаниште Мока

Во нападите на јеменските бунтовници Хути врз пристаништето Мока загинаа седум лица, меѓу кои четворица припадници на вооружените сили и тројца цивили, а уште 30 лица се ранети, соопшти јеменската армија. „ Четворица припадници на вооружените сили и тројца цивили беа убиени, а уште 30 лица се ранети“ - се наведува во соопштението на јеменската армија објавено утринава. Во соопштението се додава дека силите за противвоздушна одбрана пресретнале и собориле 11 дронови на Хутите употребени во нападот. Снимки што претходно ги емитуваше телевизијата „Ал Масира“, поврзана со Хутите, покажаа лансирање на неколку балистички ракети и дронови. Во објава на Телеграм, воениот портпарол на Хутите, Јахја Сарија, изјави дека нападите биле насочени кон концентрација на саудиски воени сили и складишта за оружје. Јеменската армија, сепак, соопшти дека нападите на Хутите биле насочени и кон станбени населби во Мока.

