Романија ќе добие 2,15 милијарди евра од најголемата инвестиција на НАТО во мрежата за воени горива

Романија ќе добие околу 2,15 милијарди евра од вкупната инвестиција на НАТО вредна 27 милијарди евра за проширување и модернизација на мрежата на алијансата за транспорт на гориво, соопшти денеска романскиот претседател Никушор Дан. Дан на социјалните мрежи оцени дека станува збор за „важен стратешки успех“ за Романија, откако НАТО, по повеќе од пет години преговори, го одобрил проширувањето на исток на својата мрежа од нафтоводи за гориво. „Романија постигна важен стратешки резултат во рамките на НАТО. По пет години преговори, Алијансата го одобри проширувањето на исток на мрежата на НАТО од нафтоводи за гориво – значаен проект за зајакнување на безбедноста и воената мобилност на источното крило“, напиша Дан. Тој истакна дека одлуката е донесена и врз основа на искуствата од руската инвазија врз Украина, која, според него, ја покажала клучната важност на логистичката инфраструктура за колективната одбрана. Романскиот претседател нагласи дека неговата земја активно учествувала во процесот уште од самиот почеток, преку Министерството за надворешни работи, Министерството за национална одбрана и романската делегација во НАТО. „Северноатлантскиот совет вчера го одобри финансирањето на проектот од заедничките фондови на НАТО во вредност од 27 милијарди евра за следните 20 години, што претставува најголема инвестиција од ваков вид во историјата на…


