Пожарите во Вашингтон уништија повеќе од 700 објекти, евакуирани се 64.000 луѓе

Шумските пожари кои веќе трет ден горат на периферијата на Спокен во американската сојузна држава Вашингтон уништија најмалку 700 објекти и принудија 64.000 луѓе на евакуација, соопштија денеска локалните власти. Три пожари во областа се прогласени за највисок приоритет за гаснење во САД, вклучително и пацифичкиот северозапад, кој е погоден од суша, каде голем број пожари веќе со недели горат и го влошуваат квалитетот на воздухот во поширокиот регион. Пожарите во околината на Спокен зафатија повеќе од 8.000 хектари од нивното избувнување во саботата, во предградијата на северниот раб на градот, во кој живеат околу 230.000 луѓе. Според портпаролот на командниот центар за инциденти, Бенџамин Косел, до вчера околу 64.000 жители биле опфатени со итни наредби за евакуација, додека еден ден претходно таа бројка изнесувала околу 4.000. Најмалку 700 објекти изгореа во пожарите, главно во станбени подрачја, додека воздушните инфрацрвени снимања покажаа дека уште околу 400 згради би можеле да бидат оштетени или уништени, рече Косел. Причината за пожарот сè уште се истражува. Засега нема пријавено повредени ниту загинати лица, но Косел предупреди дека ситуацијата би можела да се промени во наредните денови, кога огнената стихија ќе се смири и кога тимовите за пребарување ќе можат да пристапат до заедниците…


