Пожари, суши и бури ја погодуваат Европа и покрај слабеењето на топлотниот бран

Големи шумски пожари, суши и силни бури продолжуваат да предизвикуваат проблеми низ Европа и покрај постепеното слабеење на топлотниот бран, а властите во повеќе земји предупредуваат на нови екстремно високи температури и зголемен ризик од пожари. Пожарникари, со поддршка од 30 летала, денеска се обидуваа да стават под контрола голем шумски пожар во североисточна Шпанија, поради кој беа евакуирани повеќе од 1.000 лица. Големиот пожар во регионот Арагон се проширил на повеќе од 12.000 хектари, а во неговото гаснење учествуваат околу 300 припадници на воените единици за вонредни состојби и неколку хеликоптери. Шпанската метеоролошка служба предупреди дека од утре температурите повторно ќе почнат да растат и дека во текот на следната недела во делови од Андалузија и Кастиља-Ла Манча би можеле да достигнат меѓу 42 и 44 Целзиусови степени. Истовремено е издадено предупредување за екстремен ризик од шумски пожари поради прилив на топол и сув воздух од северна Африка. Пожарникарите се борат и со пожари во близина на Мадрид и во покраината Гвадалахара, каде што изгореле околу 1.500 хектари, а од претпазливост бил евакуиран и еден летен камп. Само пред една недела, најмалку 13 лица загинаа во пожар во Алмерија. Поради високите температури и повеќекратните топлотни бранови, вегетацијата е исушена…
