Пожар кај Добрејци локализиран со брза интервенција на струмичките пожарникари

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица денеска успешно интервенирала при пожар што избувнал во атарот на селото Добрејци. Како што информираат од ТППЕ Струмица, интервенцијата започнала во 13:45 часот, кога три противпожарни возила и седум пожарникари-спасители биле ангажирани на гаснење на запалени стрништа и сува трева. Благодарение на брзата реакција на екипите, пожарот бил навреме локализиран, со што било спречено неговото понатамошно ширење и предизвикување на поголема материјална штета. Од ТППЕ Струмица воедно информираат дека во периодот од 18 до 26 јули реализирале и акција за перење на повеќе улици и булевари во градот. Акцијата опфатила дел од најфреквентните сообраќајници, меѓу кои булеварите „Балканска“, „Маршал Тито“, „Гоце Делчев“ и „Ленинова“, како и улиците „11 Октомври“, „Ванчо Китанов“, „Мајка Тереза“, „Кољо Орцев“, „Тоше Проески“, „Моша Пијаде“, „Наум Наумовски Борче“, „Ѓуро Салај“, „Димитар Влахов“, „Дојранска“, „15-ти Мај“, „22 Декември“, „Браќа Миладиновци“, „Братство Единство“, „4 Јули“ и „Сандо Масев“. Од единицата порачуваат дека остануваат посветени на безбедноста и грижата за граѓаните, истакнувајќи дека ТППЕ Струмица е секогаш во нивна служба.

