Повеќе од 120 учесници од пет држави го отворија јубилејниот камп „40х20“ во Охрид

Во Охрид од вчера официјално започна јубилејното, 5. издание на ракометниот камп „40х20“, кој ќе трае до сабота. Повеќе од 120 учесници од пет држави – Македонија, Шведска, Германија, Швајцарија и Србија – во наредните седум дена ќе имаат можност да ги усовршуваат своите ракометни вештини, да стекнуваат нови знаења, да се дружат и да уживаат во бројни едукативни и забавни активности. Организаторите и оваа година подготвија богата и разновидна програма, која опфаќа спортски, едукативни и развојни содржини. Основната цел на кампот останува непроменета – кај најмладите да се развива љубовта кон ракометот, најтрофејниот тимски спорт во Македонија, а на повозрасните учесници да им се овозможи работа со врвен тренерски кадар и дополнителна надградба на нивните знаења и способности. Тренерскиот тим, кој веќе неколку години успешно работи со камперите, оваа година е дополнително засилен со двајца реномирани гости. Поранешната македонска репрезентативка Љубица Георгиевска, која повеќе од 25 години живее и работи во Данска, земјата која важи за светска ракометна велесила, како и еден од најреномираните стручњаци на Балканот и координатор на младинските категории во ПИК Сегед, Владан Јордовиќ, во текот на кампот ќе го споделат своето богато искуство и знаење со сите учесници. Како дополнителна вредност, програмата годинава е збогатена…

