ПАТИШТАТА ШТО ВОДАТ КОН РАЗВОЈОТ: Што Македонија може да научи од Хрватска и Србија?

Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ Постојат инвестиции што само трошат пари и инвестиции што создаваат нова економска вредност. Изградбата на современа патна и железничка инфраструктура, доколку е добро испланирана и поврзана со поширока економска стратегија, припаѓа во втората група. Светската банка укажува дека добро планираните транспортни коридори можат да создадат работни места, да ја зголемат ефикасноста на трговијата и да им овозможат на земјоделците, малите претпријатија и индустриските капацитети побрз пристап до пазарите. Но транспортните коридори стануваат вистински двигатели на развојот само кога околу нив се создаваат економски активности, а не кога служат единствено за побрзо минување на возилата. Хрватска не го изгради туризмот само со море и сонце Хрватска е еден од најдобрите регионални примери за тоа како современата патна инфраструктура може да го промени економскиот лик на една држава. Изградбата на автопатот А1 и на другите важни патни правци го поврза континенталниот дел на земјата со Далмација, туристичките центри и јадранските пристаништа. „Хрватски автопатишта“ денес управуваат со мрежа подолга од 1.150 километри, во која се вклучени клучните правци меѓу Загреб, Сплит, Риека, Осиек, Сисак и другите регионални центри. Хрватска, секако, не го разви туризмот само благодарение на автопатиштата. Таа располага со море, природни убавини, историски градови и препознатлив туристички производ…


