ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ: ПОЦ троши за реклами, а граѓаните плаќаат поскап паркинг

Општинскиот комитет Центар на ВМРО-ДПМНЕ упати обвинувања на адреса на директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, тврдејќи дека претпријатието троши средства за промоција на социјалните мрежи, додека граѓаните се соочуваат со повисоки цени за паркирање. Од партијата прашуваат дали зголемувањето на цените за паркинг е поврзано со финансирање на рекламирањето на директорот на Фејсбук, како и дали жителите на Општина Центар, како што наведуваат, ја плаќаат политичката промоција на кадри на СДСМ. Во реакцијата се обвинува Коцевски дека ги манипулира граѓаните со тврдењето дека две третини од паркинг-местата се резидентни и без наплата, посочувајќи дека токму тој го спроведува новиот правилник за паркирање, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, дополнително ги оптоварува жителите. Од ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ЈП ПОЦ е дел од, како што велат, политиките на градоначалникот Горан Герасимовски и раководството на СДСМ, за кои тврдат дека ја водат Општина Центар во погрешна насока.


