Невреме со силен ветер и дожд го зафати Куманово

Невреме проследено со силен ветер и дожд го зафати Куманово попладнево. Граѓаните јавуваат за паднати дрвја и бандери, како и за откорнати лимени кровови во централното градско подрачје и во близина на поранешниот „Минимаркет“. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, изјави дека сите расположливи екипи се мобилизирани. -Екипите веќе се на терен, мобилизирани се не само од „Чистота и Зеленило“, туку и од другите јавни претпријатија, изјави Томиќ. Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, информираше дека пожарникарите интервенираат на отстранување на откорнати покривни конструкции на булеварот „Октомвриска револуција“, во централното градско подрачје и на уште една локација. Интервенции има и екипите на ЈП „Водовод“. Директорот Игор Липковски изјави дека нивните служби постапуваат на булеварот „Октомвриска револуција“, на улицата „Никола Тесла“, како и на уште неколку локации низ градот. (МИА)


