Најмалку 12 лица загинаа во напад на украински беспилотни летала врз Татарстан

Најмалку 12 лица загинаа во напад со беспилотни летала на украинските вооружени сили врз Нижнекамск во Русија, соопшти денеска прес-службата на претседателот на Татарстан, Рустам Миниханов. „Според моменталните информации, 12 лица загинаа, а 39 се повредени како резултат на напад на непријателски беспилотни летала врз Нижнекамск“, се наведува во соопштението, пренесено од руските медиуми. Според извештаите, 28 повредени, меѓу кои и едно дете, се префрлени во болници и добиваат медицинска помош. Дополнителни медицински екипи од блискиот град Набережни Челни беа испратени во градот. Претходно беше објавено дека украинските сили нападнаа индустриски и цивилни објекти во Нижнекамск. Миниханов нареди итен одговор на нападот, а Татарстан прогласи Ден на жалост. Според руското Министерство за одбрана, во текот на изминатата ноќ системите за воздушна одбрана уништиле 456 беспилотни летала на украинските вооружени сили над руските региони, вклучувајќи го и Татарстан.


