МЗ нареди вонреден инспекциски надзор за случајот со 19-годишната пациентка, ќе следува и стручен надзор

Министерството за здравство внимателно го следи случајот со 19-годишната пациентка и е во постојана комуникација со надлежните здравствени установи. Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот. Министерството апелира да не се изнесуваат предвремени заклучоци сè додека не завршат надлежните постапки. За утврдената фактичка состојба и за евентуалните натамошни мерки, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана.


