Меѓународната заедница сѐ уште нема одлука за новиот висок претставник во БиХ

Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот во Босна и Херцеговина (ПиК) денеска, ни во третиот обид, не донесе одлука за назначување на нов висок претставник на меѓународната заедница во оваа земја, а консултациите за ова прашање ќе продолжат додека американскиот дипломат Луис Кришок ќе продолжи да биде привремен висок претставник. Кришок е на оваа позиција од 30 јуни, кога Управниот одбор на ПИК му довери привремен мандат, истовремено поставувајќи го 14 јули како нов рок за назначување висок претставник со целосен мандат, но ни во повторената дискусија за ова прашање немаше договор за името на лицето кое ќе ја преземе должноста. Во дневниот ред на состанокот одржан во Сараево, како што објавија локалните медиуми, повторно беа имињата на италијанскиот дипломат Антонио Занарди Ланди и специјалниот пратеник на Франција за Западен Балкан, Рене Трокацо. Данецот Петер Соренсен, кој претходно беше шеф на делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, исто така беше во игра како компромисно решение, како и друг дипломат, Маурицио Масари, поранешен амбасадор на Италија во Обединетите нации. Влијателни европски земји како Франција, Велика Британија и Германија од една страна и САД од друга страна имаат различни ставови за тоа кој треба да биде новиот висок претставник…


