Меџити: Фестивалот „Чаршија“ започна успешно и потврди дека Скопје ја сака културата

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оцени дека првата фестивалска вечер на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ означи успешен почеток на една иницијатива која има за цел да прерасне во традиционална годишна манифестација и еден од најзначајните културни настани во Скопје. Отворањето, кое се одржа во амбиентот на Сули ан, привлече голем број граѓани и љубители на уметноста, кои уживаа во врвна музичка програма во еден од најзначајните историски простори на градот. „Со првите звуци во Сули ан започна една нова културна приказна за Скопје. Исклучителниот интерес на публиката е најдобра потврда дека вложувањето во културата е вложување во идентитетот, естетското образование и иднината на градот. Ова е само почеток на една традиција која ќе расте од година во година,“ изјави Меџити. Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ продолжува и во наредните вечери со богата уметничка програма и настапи на реномирани уметници од земјата и од странство.


