Маск повторно го повика Зеленски да се повлече од претседателската функција

Американскиот мултимилијардер Илон Маск повторно го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да се повлече од функцијата. - Време е Зеленски да си оди, Без повлекувањето на Володимир Зеленски ќе продолжат масовните убиства, објави Маск на Икс. Сателитска мрежа на Маск има клучна улога во руско-украинскиот конфликт, особено за комуникациите на фронтот. Украина претходно соопшти дека е ограничена во користење на сателитските услуги на сопственикот на „СпејсИкс“ (SpaceX), што го попречило дејствувањето на беспилотните летала и воздушната одбрана на Киев. Маск тврди дека секое забавување на мрежата се должи на американската влада, а не на неговата компанија „СпејсИкс“. Маск посочи дека услугата „Старшилд“ (Starshield) е наменета за армијата и Украина ја користи за нејзините операции на фронтот и одбрана, додека „Старлинк“ (Starlink) е наменета за цивилни цели. И двете услуги се дел од сателитскиот систем развиен од „СпејсИкс“.


