Лафчиски: Ќе продолжиме да ја унапредуваме воената соработка со Романија преку заеднички активности и обуки

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оствари средба со амбасадорката на Романија, Моника Аксинте, досегашното одбранбено аташе полковник Каталин Петре Арчип и новоназначеното одбранбено аташе полковник Александра Барбулеску. На средбата беше истакната важноста на долгогодишната соработка меѓу Армијата на Македонија и романските вооружени сили, како сојузници во НАТО. Генерал-мајор Лафчиски упати благодарност до полковникот Каталин Петре Арчип за неговиот професионален ангажман, посветеноста и придонесот во зајакнувањето на билатералната воена соработка меѓу двете земји. [facebook_post url="https://www.facebook.com/Armija.Republika.Severna.Makedonija/posts/pfbid0tcAbwCvej6ByusoQVDa5TtaP7zxmFuS9RB8SxrNHpT7UZGjBC2ei8MvdbmmENUtdl"] „Нашето партнерство со Романија е засновано на доверба, сојузништво и заедничка посветеност кон безбедноста. Ќе продолжиме да ја развиваме соработката преку заеднички активности, обуки, вежби и иницијативи од заеднички интерес“, порача Лафчиски. На новоназначеното одбранбено аташе, полковник Александра Барбулеску, ѝ беа упатени желби за успешен мандат, со очекување дека досегашното ниво на соработка меѓу двете армии дополнително ќе се унапредува. Средбата е уште една потврда за блиските партнерски односи меѓу Македонија и Романија во рамките на НАТО Алијансата.


