Костов: Меси – Формула 1, Ферари во светскиот фудбал (втор дел)

Приказната за Меси продолжува. Таа е невообичајна и несекојдневна, ама автентична, посебна бренд приказна за момчето што стана легенда. Да, Меси, е легенда, жива спортска легенда, легенда на светскиот фудбал. И сега кој е Меси? Дали е тоа „Болва“-та, „Лео“, „Лио“, „Месија“, „Џуџе“ или пак „Пике“? Да, тој е сето тоа. Така го викаат, најблиските, пријателите, тренерите, и целиот аргентински народ. Фудбалот од секогаш бил негова страст. Уште на 5 година ја контролирал топката неверојатно сигурно. Од најрани години сакаше да стане фудбалер, добар фудбалер, и успеа во тоа. Интересна е неговата приказна: Големината му е extra small, велат имал задоцнет развој. Причина – хормонско пореметување. Ама, и покрај сето тоа, тој денес е фудбалски горостас, цврст како карпа. Како му успеа тоа? Карактерот му е цврст и силен како карпа. Има неверојатен натпреварувачки дух, и најмногу од се, сака да победува. Сака да го добие секој натпревар – за Барцелона, за Мајами, за репрезентацијата на Аргентина. Така и стана гордоста на Аргентина. Не треба да се прашуваме зошто: Па тој е нешто посебно, поседува мудрост, брзо спринтира, а додавањата му се филигрантски прецизни. Најбитно од се е што фудбалот го доживува како забава. А фудбалските карактеристики му се извонредни…


