Коњановски: Битола и Херцег Нови ја продолжуваат традицијата на пријателство и соработка

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во Херцег Нови, Црна Гора, присуствуваше на одбележувањето на 50-годишнината од збратимувањето на двата града, при што беше потпишан Меморандум за потврдување на соработката. Со меморандумот, Битола, Херцег Нови, Бања Лука, Крањ и Земун ја потврдија определбата за продолжување на партнерските односи и продлабочување на соработката во повеќе области. Коњановски истакна дека во изминатите години соработката меѓу Битола и Херцег Нови се интензивирала преку заеднички настани и активности, нагласувајќи ја важноста на пријателските врски меѓу двата града. „Со садењето на дрвото на пријателството, подадовме рака за нашата заедничка иднина, за желбата да бидеме поблиски, да си помагаме едни на други и, пред сè, цврсто да стоиме на темелите на заедништвото, пријателството и визијата за иднината“, истакна Коњановски. На свеченоста ѝ претходеше садење дрво на пријателството на влезот во паркот „Бока“, како симбол на трајноста на врските меѓу градовите и нивното пренесување на идните генерации. Јубилејот беше заокружен со концерт на традиционална и класична музика, како и преработки на светски хитови.


