Јанев по апсењето на Цуна: Никој не е недопирлив, но одговорност ќе има

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев се огласи по лишувањето од слобода на Александар Лазаров - Цуна, бегалецот од полициската станица во Кочани. Цуна беше уапсен вчеравечер во Скопје. -Овој случај уште еднаш потврди дека секој што бега од правдата порано или подоцна се соочува со законот. Никој не е недопирлив и никој не може трајно да избега од одговорност. Како институција, целото наше колективно и индивидуално знаење, искуство, посветеност и интегритет ги вложуваме во борбата против криминалот и во исполнувањето на нашата основна задача заштита на граѓаните и испорачување безбедност. Истовремено, сакам јасно да порачам дека со пронаоѓањето на бегалецот не завршува и нашата обврска за целосно расчистување на случајот. Внатрешната истрага продолжува и секој што со постапување или непостапување придонел за овој настан ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури. Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има, вели Јанев. Јанев додаде дека полицијата потврди дека има капацитет и решителност да се справи со секој предизвик.

