Хегсет во Израел на необјавена средба со Нетанјаху

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, вчера се сретнал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на необјавена посета на Израел, објави политичкиот портал „Аксиос“. Пентагон одбил да ја коментира информацијата, а израелската амбасада во Вашингтон сè уште не ја потврдила посетата. Информацијата за патувањето на Хегсет доаѓа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го поддржа Нетанјаху пред парламентарните избори во Израел, закажани за следната недела. Тоа ќе бидат првите избори по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година што го втурна Блискиот Исток во хаос, откако Израел започна војна во Појасот Газа, против Хезболах во Либан и против Иран. Според прогнозите, верско-националистичката коалиција на Нетанјаху ќе го загуби мнозинството за формирање влада, но и опозицијата би можела да се соочи со тешкотии при составувањето влада. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пак, во вчерашното интервју одби да го поддржи израелскиот премиер, наведувајќи дека не се меша во израелските избори. „Поддржувам американски кандидати и сум фокусиран на изборите за Конгресот на средината на мандатот“, изјави Венс, кој претходно годинава отпатува во Будимпешта и го поддржа Виктор Орбан пред изборите во Унгарија.


