Ѓорѓиевски: Завршени речиси 40% од градежните работи за изградба на пречистителната станица за Скопје

Скопје го гради својот најголем еколошки штит, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Проектот кој со децении беше само неопходност и надеж, денес забрзано се гради и станува реалност. -Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, комплексен зафат кој опфаќа изградба на околу 60 објекти кој ќе донесе историска промена во заштитата на Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните. По првичниот застој, предизвикан од незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, експропријација на земјиштето и задоцнети плаќања кон изведувачот, денес изградбата се одвива со забрзана динамика и согласно планираниот работен план. Речиси 40% од градежните работи се веќе завршени, истакна Ѓорѓиевски. Согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено во првата половина на 2028 година. Потоа следуваат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година. -Ова значи почист Вардар, поздрава животна средина и посигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Најголемиот еколошки проект во Македонија забрзано напредува, затоа што Скопје заслужува чиста, модерна и европска иднина, вели Ѓорѓиевски.


