ФОТО: Нова спортска зона во Кисела Вода, калистеник парк и терен за одбојка на песок

Општина Кисела Вода доби нов, современ спортски комплекс во населбата 11 Октомври Бараки, кој претставува прв спортски проект од ваков вид на нејзината територија. Лоциран во непосредна близина на Паркот на шахот, овој простор е функционално дизајниран за да ги унапреди условите за рекреација и за развој на спортот на отворено. -Централно место во комплексот зазема модерниот калистеник парк, кој се простира на површина од 380 квадратни метри. Истиот е целосно осветлен со рефлектори, со што се овозможува непречено користење и во вечерните часови. Оваа нова спортска зона е наменета за физичка активност преку вежби со сопствената телесна тежина. Опремена е со разновидни справи, вклучувајќи вратило, разбој, паралелки и шведски скали, кои овозможуваат изведување комплексни вежби за развој на силата, издржливоста, координацијата и флексибилноста, информираат од Општината. Како дополнување на понудата, во склоп на комплексот е изграден и професионален терен за одбојка на песок. Теренот располага со мрежа поставена на универзална висина и е осветлен со рефлектори, исполнувајќи ги стандардите за одржување на спортски натпревари и квалитетна рекреација. Со успешната реализација на овој проект, се потврдуваат заложбите за континуирано вложување во спортската инфраструктура и за создавање современи услови за активен живот на сите генерации.


