(ФОТО) Градиште открива траги од ритуали, симпозиуми и развиен живот во античка Македонија

Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово успешно ги заврши годинашните археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ во Младо Нагоричане. Истражувањата беа реализирани под раководство на Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник – археолог и раководител на проектот, а беа насочени кон секторот „Долна тераса“, каде што во претходните години беа откриени конструкции од 4 век пр.н.е., всечени во карпа, како и камени тумулоидни конструкции поврзани со ритуални активности. Годинашните ископувања донесоа нови значајни откритија кои дополнително ја потврдуваат сакралната функција на овој простор. Непосредно источно од претходно откриениот тумул археолозите откриле градба со бројни фрагменти од питоси и други складишни садови. Меѓу најзначајните наоди се издвојува питос со уникатна декорација на устие изработена со отпечатоци од прстен, на која е прикажано женско божество, најверојатно Деметра, која во едната рака држи рог на изобилие, а со другата изведува либација со кантарос врз триножник. Јужно од оваа градба бил откриен ограден ѕид што го издвојувал просторот за обреди од остатокот на населбата. Во непосредна близина археолозите истражиле и помала просторија со големо количество животински коски, како и богата трпезна керамика од 4–3 век пр.н.е., што упатува на одржување ритуални гозби или симпозиуми. Меѓу пронајдените предмети има и вредна увозна керамика, меѓу која west slope гутуси…


