Двајца поранешни непалски министри осудени поради измами со бегалците

Суд во Непал осуди двајца поранешни министри и уште 14 други лица за фалсификување документи, со кои им беше овозможено на непалски граѓани да се преселат во САД како бегалци од Бутан. Окружниот суд во Катманду го осуди поранешниот вицепремиер и министер за енергетика Топ Бахадур Рајамаџи на четири години затвор за злосторства против државата, измама и вмешаност во организиран криминал. Исто така, го осуди и поранешниот министер за внатрешни работи Бала Кришна Канд на две години затвор како соучесник. Двајцата негираат каква било вмешаност во измамата, а нивните адвокати најавија жалби на пресудата. Другите 14 лица, меѓу кои и поранешен висок службеник во Министерството за внатрешни работи и поранешен лидер на бегалците од Бутан осудени се на четири години затвор. Измамата е откриена во 2023 година. Околу 120.000 државјани на Бутан од непалско потекло избегале од соседното хималајско кралство во Непал од почетокот на 90-тите години од 20 век. Речиси 113.000 од нив биле преселени во неколку западни земји, вклучувајќи ги САД, Канада и Австралија, како дел од програмата за преселување во трети земји откако двата јужноазиски соседи не успеале да се договорат за репатријација. САД примија околу 100.000 бегалци од Непал. Неколку илјади сè уште живеат во кампови…


