Д-р Мерџаноски за МИА: Со исхраната против остеопороза – но и пешачење, вежби, нормална тежина и без цигари и алкохол

Исхраната е само дел од превенцијата против остеопороза. Потребни се редовно пешачење, вежби со оптоварување и вежби за сила и рамнотежа, одржување нормална телесна тежина, престанок на пушењето и ограничување на алкохолот. Ова го истакна во интервју за МИА проф. д-р Игор Мерџаноски, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар во Скопје. Со него разговаравме, меѓу другото, и за тоа како преку соодветна исхрана може да се спречи оваа „тивка“ болест кај повозрасните. Нов апарат за дензитометрија, за мерење на густината на коските, во април беше ставен во функција на Ортопедската клиника „Мајчин дом“ во Скопје. Во интервјуто докторот потврди дека интересот за новиот апарат за дензитометрија бил исклучително висок, термините за редовно снимање преку системот „Мој термин“ се пополнувале брзо. Од неговото пуштање во употреба до денес биле прегледани 418 пациенти. Тој истакна дека во земјата се применува таргет-скринингот, тоа значи дека снимањето не се прави автоматски, туку се врши селекција на пациенти врз основа на ризик-фактори и одредена возраст. Пациентите што се упатуваат имаат дополнителни ризик-фактори, како рана менопауза, пушење, семејна историја на остеопороза, лица што долготрајно користат кортикостероидна терапија или имаат хронични болести, како дијабетес, ревматоиден артритис. Го…

