Британскиот премиер Барнам и германскиот канцелар Мерц разговарале за соработката и поддршката за Украина

Новоименуваниот британски премиер, Енди Барнам, синоќа телефонски разговарал со германскиот канцелар, Фридрих Мерц, при што двајцата лидери ја потврдиле намерата за продолжување на соработката меѓу Обединетото Кралство и Германија и разговарале за спроведувањето на Кенсингтонскиот договор, соопшти германската Влада. Станува збор за билатерален договор за пријателство што на 17 јули го потпишаа Мерц и тогашниот британски премиер, Кир Стармер. Во разговорот, двајцата лидери се осврнале и на војната во Украина, при што се согласиле да продолжат со сеопфатната поддршка за Киев и да го зголемат притисокот врз Русија. „Остануваат посветени на сериозни преговори насочени кон постигнување праведен и траен мир“, се наведува во соопштението на германската Влада. Претходно, Барнам одделно разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп и со украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Германската влада соопшти дека Мерц во текот на денот му честитал на Барнам за преземањето на функцијата и го поканил наскоро да го посети Берлин.


