Арапските земји координираат заеднички одговор на израелските мерки во Ерусалим

Министрите за надворешни работи на арапските и муслиманските земји денеска се состанаа во Јордан со цел да усогласат заеднички став за Ерусалим, поради, како што наведуваат, засилените незаконски израелски мерки насочени кон идентитетот на градот и неговите исламски и христијански свети места. На состанокот учествуваат членовите на арапскиот министерски комитет задолжен за спротивставување на израелските политики во Ерусалим, генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, како и министрите за надворешни работи на Турција, Пакистан, Индонезија и Малезија, пренесува Анадолија. Учесниците разговараат за најновите случувања во Ерусалим и на светите места, со цел усвојување единствен став против, како што наведуваат, ескалацијата на незаконските израелски политики и активности. Во составот на комитетот се Јордан, Тунис, Алжир, Саудиска Арабија, Сомалија, Ирак, Катар, Египет и Мароко, како и генералниот секретар на Арапската лига. Јордан е домаќин на состанокот во својство на чувар на исламските и христијанските свети места во Ерусалим. Средбата се одржува во услови на континуирани израелски мерки за кои арапските и муслиманските земји оценуваат дека претставуваат закана за идентитетот на Ерусалим, неговото верско наследство и историскиот статус кво. (МИА)


