Ангела Јанкуловска го пропушта ракометното Европско првенство!

Женската ракометна репрезентација на Македонија се соочи со сериозен проблем пред настапот на Европското првенство во 2026 година. Левиот бек Ангела Јанкуловска заработи тешка повреда на лигаментите, поради која ја заврши сезоната и нема да може да му помогне на националниот тим на континенталниот шампионат. Ракометарката од Битола имаше одличен почеток на сезоната во дресот на словачка Дунајска Стреда, а со добрите настапи се истакна и на „Трофеј Македонија“. Сепак, повредата што ја заработи во натпревар од ЕХФ Европскиот куп ги промени плановите и на клубот и на репрезентацијата. Отсуството на Јанкуловска ќе биде дополнителен проблем за селекторот Игор Марковиќ, кој ќе мора да пронајде ново решение на левата бековска позиција. Покрај Европското првенство, ракометарката ќе го пропушти и баражот за пласман на Светското првенство во 2027 година, закажан за април следната година.


