Андоновска: Најважно да се утврди одговорноста, никој не смее да го загрозува здравјето на граѓаните

Резултатите за водата во Гостивар направени од Институтот за јавно здравје во текот на денот ќе бидат испратени до Јавното обвинителство, соопшти директорката на ИЈЗ Марија Андоновска на прес-конференцијата во Владата. - Не е важно само да се одреди причината, туку што е најважно да се утврди одговорноста. Никој не смее да го загрозува здравјето на граѓаните. Како Институт продолжуваме да ја следиме епидемиолошката ситуација, рече Андоновска. На барање на новинарите да се каже која е причината за ситуацијата во Гостивар, министерот Клековски рече дека кога Јавното обвинителство ќе даде согласност да се објават резултатите, тие ќе бидат објавени. - Испитувањата се направени на барање на Обвинителството и кога тоа ќе даде согласност јавно да се соопшти, ќе ги соопштиме резултатите. Не сакаме да се мешаме во истрага, рече Клековски, додавајќи дека храната како причина отпаѓа.

