120 милиони евра помош од ЕУ за воздушната одбрана на Молдавија

Европска Унија денеска вети помош во висина од 120 милиони евра за зајакнување на системот за воздушна одбрана на Молдавија. - Советот на ЕУ денеска усвои мерка за помош од 120 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд за поддршка на вооружените сили на Република Молдавија за подобрување на капацитетите за воздушна одбрана на земјата, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ. Односите помеѓу Молдавија со Русија се влошија од почетокот на војната во Украина, а во ноември минатата година земјата објави дека руски беспилотни летала навлегле во молдавскиот воздушен простор. Молдавија е лоцирана помеѓу Украина и Романија, и е земја-кандидат за членство во Европска Унија. Мнозинството од населението зборува романски, додека големо малцинство зборува руски јазик. Политичката моќ со децении флуктуира помеѓу партиите што поддржуваат поблиски врски со Европа и оние што бараат подобри односи со Москва.
